Една од најдобрите светски ракометарки ги менува клупските бои

Францускиот ракометен клуб Брест официјално потврди дека десното крило Ана Вјахирева ќе го напушти тимот по завршувањето на актуелната сезона. Русинката пристигна во Брест пред почетокот на минатата сезона од норвешкиот Кристијансанд, а веќе подолго време во европските ракометни кругови се шпекулира дека нејзината следна дестинација би можела да биде данскиот гигант Оденсе.

Во изминатите месеци се појавија информации за можно незадоволство и одредени тензии внатре во клубот, особено меѓу дел од ракометарките и стручниот штаб, што дополнително ги засили гласините околу заминувањето на една од најголемите ѕвезди на европскиот ракомет.

Самата Вјахирева ја потврди одлуката преку емотивна порака, истакнувајќи дека разделбата не била лесна, но дека останува целосно посветена до крајот на сезоната.

„Би сакала да ве известам дека донесов одлука да го напуштам клубот на крајот од сезоната. Ова беше навистина тешка одлука, но мојот пат ќе продолжи во друг тим. Сепак, работата тука не е завршена, целосно сум фокусирана на нашите цели. Ајде да ја направиме оваа сезона посебна“, изјави Вјахирева.

Дополнителна неизвесност во Брест носи и фактот што клубот неодамна објави дека главниот тренер Рафаел Тервел, исто така, ќе си замине по завршувањето на сезоната, што најавува значителни промени во структурата на тимот за следната натпреварувачка година.