• Мартин Танасковски
Извршниот комитет на Европската ракометна федерација (ЕХФ) на состанокот во Келн, одржан непосредно пред Ф4 турнирот во Лигата на шампионите, официјално го потврди формирањето на Европскиот одбор на играчи. Станува збор за ново тело чија цел е гласот на ракометарите и ракометарките да биде посилно застапен во процесите на донесување одлуки во рамки на ЕХФ.
Новиот Одбор на играчи ќе брои шест членови со четиригодишен мандат. Четворица членови, двајца мажи и две жени, ќе бидат избрани од самите играчи на претстојните избори, додека преостанатите двајца ќе ги назначи директно Извршниот комитет на ЕХФ.
Кај женските кандидати се најдоа поранешната вардарка Андреа Лекиќ (Србија), заедно со Сара Сенвалд (Хрватска), Катрин Хајндал (Данска), Марија Бермехо (Шпанија), Антје Дол (Германија), Мортенсен Ингстад (Норвешка), Ана Грос (Словенија) и Леа Шупбах (Швајцарија).
Во машка конкуренција кандидати се Филип Главаш (Хрватска), Расмус Лауге (Данска), Гонзало Перез де Варгас (Шпанија), Небојша Симиќ (Црна Гора), Блаж Јанц (Словенија) и Самуел Цендер (Швајцарија).
Формирањето на Европскиот одбор на играчи претставува значаен чекор во насока на поголемо вклучување на ракометарите во креирањето на иднината на европскиот ракомет.