Ѕвездата на Магдебург ги демантира сите наводи за користење на допинг

Швајцарскиот репрезентативен голман и член на Магдебург, Никола Портнер, има големи проблеми откако анти-допинг комисијата на ЕХФ најави дека против него е покрената постапка за докажување на недозволени супстанци. 

Самиот Портнер веднаш изјави дека е шокиран и изјави дека анализите мора да го докажат спротивното, зашто се работи за „поместување на нормите“, а не за класичен допинг-скандал. Веројатно ќе следуваат дополнителни испитувања од други лаборатории, а од неговиот клуб најавија дека му ја даваат поддршката на својот играч. 

„Шокиран сум по информацијата дека моите анализи покажале отстапување од зацртаните норми и во најскоро време ќе ја докажам мојата невиност“, изјави Портнер. 

Чуварот на мрежата е член на Магдебург од 2022 година, а претходно играше уште за Шамбери, Монпелје, Кадетен и други. Во дресот на швајцарската репрезентација има запишано 126 настапи.