• Саше Љолес
Германскиот ракометар Хендрик Пекелер, официјално става крај на својата репрезентативна кариера. Играчот на гигантот Кил реши да се збогува од националниот тим по пријателскиот натпревар кој „панцерите“ ќе го одиграат против Португалија.
Свеченото збогување ќе се одржи веднаш по завршувањето на мечот, а од Германската федерација веќе најавија дека легендарниот играч ќе биде испратен со пригодна церемонија. 32-годишниот Пекелер беше дел од репрезентацијата единаесет години и запиша 122 настапи, кои ги „зачини“ со 120 постигнати голови.
Кариерата ја започна во Кил, а потоа играше уште за Бергишер, Лемго и Рајн Некар Левен. Пред скоро пет години се врати во матичниот клуб и сѐ уште е значаен фактор во тимот кој секоја сезона има највисоки амбиции во Бундеслигата и во Лигата на шампионите. Со германската репрезентација го освои златниот медал на Европското првенство во Полска, а исто така се закити и со бронзата на Олимписките игри во Рио Де Жанеиро.