Ѕвездата која се поврзуваше со Еурофарм Пелистер останува во Бундеслигата

Искусниот француски репрезентативец Кентен Мае е ново засилување на Рајн-Некар Левен. Германскиот бундеслигаш потврди дека 35-годишниот бек потпишал едногодишен договор и во претстојната сезона ќе го носи жолтиот дрес на клубот.

Мае зад себе има богата кариера исполнета со бројни трофеи. Со француската репрезентација беше европски, светски и олимписки шампион, а воедно е и едно од најпознатите имиња што настапувале во германската Бундеслига.

Првите ракометни чекори ги направи во Монако. Подоцна се пресели во Германија, каде што се развиваше во младинските категории на Баер Дормаген, пред да дебитира во најсилната лига во светот. Во 2011 година се пресели во Гумерсбах, а потоа настапуваше и за ХСВ Хамбург, како и за Фленсбург. Токму со Фленсбург во 2018 година ја освои шампионската титула во Германија.

По успехот во Бундеслигата, Мае шест сезони настапуваше за унгарскиот Веспрем, каде беше дел од еден од најсилните европски клубови, а минатата година повторно се врати во Гумерсбах. Во својата кариера во германската Бундеслига има одиграно 328 натпревари и постигнато 941 гол, од кои 144 од седум метри, што го вбројува меѓу најдобрите офанзивни ракометари во лигата во последната деценија.

Во изминатиот период, француската ѕвезда се поврзуваше со трансфер во Македонија, во редовите на Еурофарм Пелистер.