• Горан Упале

Ракометната селекција на Србија отпатува за Атина, каде в четврток против домашната селекција на Грција го игра последниот натпревар од квалификациите за Европското првенство.
„Орлите“ веќе обезбедија пласман на континенталниот собир, но и покрај тоа селектор Тони Џерона посакува со победа да се заврши овој циклус на квалификации, иако пред себе имаат противник кој игра одлично на домашен терен.
„Знаеме дека Грција игра одлично на домашен терен, тоа го покажа на неодамнешните натпревари против Исланд и Македонија. Свесни сме дека ќе атакуваат на победа и затоа очекувам солиден натпревар.
Но, сигурен сум дека ќе прикажеме добра игра и за дома ќе си заминеме со два бода“, вели шпанскиот стратег.
Дел од експедицијата на Србија во Атина е младиот талент на Металург, Стефан Додиќ, кој оваа пролет игра во одлична форма во дресот на поранешниот македонски шампион.