• Иван Димовски
Ракометарите на Алкалоид ја забележаа четиринаесеттата победа во Суперлигата, на гостински паркет кај екипата на Прилеп со 30-40 (13-18). Скопскиот фаворит рутински стигна до бодовите и врза три триумфи во низа.
- Комплетниот натпревар меѓу Прилеп и Алкалоид:
Отворија прилепчани со два гола во гостинската мрежа (2-0), но бргу и лесно момците на Кирил Лазаров се вратија. Кратко се играше егал, а потоа скопскиот тим се одлепи на 3-7. Водството до полувремето не растеше премногу, на момент домаќините стигнаа и на „минус два“, но следеше пад пред паузата. Алкалоид заигра уште подобро и на одмор се замина со 13-18.
Продолжението не понуди промени во темпото, и покрај ротациите во ростерот скопјани го контролираа темпото и сигурно чекореа кон победата. Во финишот Алкалоид водеше со седум, осум и девет гола разлика, но во последните секунди стигна и до двоцифрена предност за крај на мечот.
Најефикасен играч на мечот беше Александар Петковски кој постигна девет гола, а кај прилепчани се истакна Никола Цветаноски.