Две години се бореше со мононуклеоза, а сега ќе игра во Бундеслигата

Хрватскиот лев бек Иван Слишковиќ, кој на почетокот на годинава се врати на ракометните терени во дресот на Целје, по долгата борба со мононуклеозата, следната сезона ќе игра во Бундеслигата.

Со одличните настапи во Целје и Веспрем во Лигата на шампионите, како и за хрватската репрезентација на Олимписките игри во Рио, Слишковиќ се промовираше во еден од најдобрите хрватски леви бекови.

Сепак како одминуваше времето, неговата форма паѓаше се повеќе и повеќе, а неговата минутажа се намалуваше. Потоа му беше дијагностицирана мононуклеоза, болест која се карактеризира со повишена телесна температура, зголемени лимфни јазли и воспалено грло.

Слишковиќ се обидуваше два пати да се врати на терените во дресот на Веспрем, но тие не беа подготвени да го чекаат и му го раскинаа договорот. Тој дури 15 месеци се бореше со опасната болест, за на почетокот на годинава да се врати во дресот на Целје.

Доби доволно минутажа, Бранко Тамше го врати на старите патеки и Слишковиќ одигра одлично. Тоа му донесе договор на две години со бундеслигашот Гепинген, па 26-годишниот Хрват повторно ќе игра на високо ниво.