Двајца ракометари на Вардар во „ол-стар“ тимот на ЛШ

Двајца ракометари на Вардар се најдоа во „ол-стар“ тимот во Лигата на шампионите кој го бираа тренерите на 24 екипи кои оваа сезона играа во европската ракометна елита.

Меѓу најдобрите седум, место од Вардар си најдоа голманот Дејан Милосављев, како и десниот бек Даинис Кристопанс. Српскиот чувар на мрежата достојно го замени Арпад Штербик и брзо стана важен дел од тимот, додека Кристопанс често беше еден од најдобрите ракометари на Вардар, во победите од групната фаза на Лигата на шампионите.

Покрај Милосављев (голман) и Кристопанс (десен бек), место во „ол-старот“ си најдоа и Микел Хансен (ПСЖ, лев бек), Енди Шмид (Рајн Некар Левен, центар), Уве Генсхајмер (ПСЖ, лево крило), Блаж Јанц (Киелце, десно крило), Јаник Колбахер (Рајн Некар Левен, кружен напаѓач).

За најдобар дефанзивец одбран е Тобиас Карлсон (Флензбург), најдобар млад играч е Мелвин Ричардсон (Монпелје), додека за најдобар тренер прогласен е Хуан Карлос Пастор (ПИК Сегед).