Два гола на Талески против РНЛ, Томовски фати девет топки во Минден

Македонскиот репрезентативец Филип Талески и неговиот Балинген доживеаја убедлив пораз на гостувањето кај Рајн Некар Левен во Манхајм (37-26) во рамки на германската Бундеслига.

Гостинот немаше шанси против расположениот голман Апелгрин кој имаше двоцифрен број одбрани и дури 41% ефикасност, а исто така поддршка му беше Уве Генсхајмер, кој во нападот беше феноменален и даде десет гола. Талески доби минутажа против поранешниот клуб и успеа да даде два гола од вкупно пет обида.

Солидна партија имаше и Мартин Томовски меѓу стативите на Лудвигсхафен, но не успеа да се радува на успех на гостувањето кај Минден (29-23). Репрезентативецот играше повеќе од половина меч и забележа девет одбрани.

Третиот македонски репрезентативец во Бундес, Филип Кузмановски, со неговиот Магдебург загуби на гости кај Мелсунген (31-29). Бекот немаше учинок во нападот на оваа средба.

Во големото германско дерби, Кил на домашен терен беше подобар од Флензбург (28-24).