Два гола на Миркуловски во поразот на Вецлар од Флензбург

Филип Миркуловски

Филип Миркуловски и неговиот Вецлар продолжија со променливите игри во домашниот шампионат. Денес, тимот потклекна пред фаворитот Флензбург (19-24), кој со победата се израмни на второто место на табелата со Фуксе Берлин.

Мечот беше неефикасен од страна на двете екипи, а малиот број на голови во првото полувреме го искористи Вецлар, кој постојано водеше и замина на пауза со предност од 11-9. Но, гостите се вратија во игра и стигнаа до егал, па и до целосен пресврт во 50. минута (15-17).

Македонскиот репрезентативец постигна два гола од три обиди, но не помогна да се избегне поразот (19-24). До крајот на оваа година Вецлар ќе одигра уште два првенствени натпревари и тоа дома против Гумерсбах (21.12) и на гости кај Минден (26.12).

Миркуловски најверојатно ќе ја пропушти првата прозивка на македонската репрезентација, која ќе се одржи на 25 декември со почеток од 16.30 часот во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.