Два гиганти влегоа во трката за потписот за најдобриот ракометар на Вардар

Дмитро Хориха веќе втора сезона е ударна игла на Вардар 1961. Украинскиот бек, кој неодамна доби и македонско државјанство, ги игра последните шест месеци од договорот со лидерот во Суперлигата. А што понатаму? 

Уште пред еден месец раководството на Вардар 1961 започна преговори со одличниот бек, во еден момент се чинеше дека сè е договорено, но во игра влегоа неколку европски гиганти. 

Според пишувањата на „Rthandballgermany“, Хориха би можел да се пресели во Бундеслигата и тоа во редовите на Фуксе Берлин. „Лисиците“ веќе доставиле понуда за договор од една сезона и се чека одговор на украинскиот бек.

Но, според нашите информации меѓу заинтересираните гиганти за потписот на вардаровиот ас е Веспрем. Унгарскиот гигант е во потрага по уште едно решение на левата бековска позиција и идеалното го гледа токму во „бомбардерот“ на Вардар. Исто така, за Хориха имало интерес и од уште неколку бундеслигаши, како и тимови од Лигата на шампионите. 

28-годишниот бек во македонскиот вицешампион пристигна пред две години, а во својата кариера уште играше за Ал-Араби во Катар, Екс Прованс во Франција, Шчечин во Полска и Мотор Запорожје во Украина.