Дувњак ќе го игра последниот танц за Хрватска на домашно тло

Еден од најдобрите ракометари во историјата на Хрватска, Домагој Дувњак, последните настапи за репрезентацијата ќе ги има на Светското првенство (СП) кое „каубоите“ ќе го играат на домашно тло. Играчот го потврди тоа во интервју за германските медиуми.

„Веќе разговарав со селекторот Дагур Сигурдсон. Ако на репрезентацијата и требам за Светското првенство, тука сум да играм за Хрватска уште еднаш, за последен пат“, изјави Дувњак за Килер Нахрихтен.

Дувњак во националниот тим дебитираше во 2006 година, а на големите натпреварувања за Хрватска освои вкупно осум медали. За жал, нема злато.

За потсетување, Светското првенство ќе се игра во Хрватска, Норвешка и Данска на почетокот на 2025 година.