Душебаеви во еден глас: Со ваква одбрана не се победува екипа како Веспрем

Gol.mk на ракометен Final Four во Келн

Ако пред четири години беше херој, Талант Душебаев не успеа со Киелце да ја повтори сензацијата од 2015 година и да го совлада Веспрем, враќајќи се од негатива. Во полуфинале со дури 63 гола „жолтите“ загубија и не успеаја да му застанат на пат на моќниот Веспрем на Давид Дејвис. 

„Само со две одбрани во едно полувреме не може да се добие противник како Веспрем. Мислам дека потфрливме во одбраната, моравме во оваа фаза да бидеме подобри. Сепак, нема да ги заборавам моите момци. Сакам да им честитам на целата сезона и утре ни преостанува уште еден натпревар. Многу среќа за екипата на Веспрем во финалето и дуелот за титула“, смета Талант.

Неговиот син, поранешен вардарец, Алекс се надоврза на својот тренер и на официјалната прес-конференција рече:

„Во првиот дел се мачевме, многу грешевме и промашувавме. Арпад беше одличен, но сепак и покрај тоа израмнивме на полувреме. Имавме проблеми во одбраната во вториот дел, промашивме многу шанси од добри позиции и кога тоа се промашува тешко се победува толку квалитетен тим како Веспрем“. 

Во четвртфиналето Киелце го елиминира големиот и моќен ПСЖ, но и тоа не беше доволно да се освои европската титула. Овој тим последен пат со овој ростер игра на голема приредба, бидејќи тимот скоро сигурно ќе се распродаде.