Душебаев со крик за помош за Киелце: Ќе жалиме сите ако загубиме што имаме!

По последниот натпревар во 2022 година, тренерот на полски Киелце, Талант Душебаев, посочи дека ситуацијата во клубот без главен спонзор не е сјајна и јавно побара помош од сите да застанат зад овој колектив.

Тренерската легенда кажа дека сака да го води Киелце до пензија и истакна дека потребно е сите да му помогнат на клубот, од градоначалникот, па се до политичарите и бизнисмените.

„Сакам да останам во Киелце и затоа сакам да испратам порака до секого - од градоначалникот, до политичарите, спонзорите, новинарите - помогнете му на клубот колку што можете. Она кое го направивме заедно е гордост за секој Полјак и за регионот Киелце. Кога се слушам со луѓе од поранешните клубови каде бев тренер, а згаснаа, сите жалат за тоа. Денес би направиле се за да се вратат во старите денови. А, Киелце ќе жали ако загубиме што имаме. Сите наши играчи веќе имаат понуди од топ-клубови, а и јас не можам да се пожалам од тоа. Но, никогаш не ги ставивме парите на првото место. Имаме фантастичен тим кој во следните години може да се бори за Ф4 и да ја освои ЛШ. Клубот е наша гордост, не сакаме да го загубиме. Сакам да продолжам да работам овде и да се пензионирам во Киелце“, изјави Душебаев.

Апел до јавноста испрати и директорот Бертус Сервас, кој кажа дека се работи на активно барање на нови спонзори кои финансиски ќе го помогнат Киелце.