• Мартин Танасковски
Полскиот ракометен гигант Киелце и тренерот Талант Душебаев официјално ја прекинаа соработката, соопшти полскиот клуб. Долгогодишниот стратег, кој беше клучна фигура во најголемите домашни и европски успеси на тимот, сам одлучил да се повлече од функцијата, сметајќи дека на екипата ѝ е потребен нов импулс во завршницата од сезоната.
Периодот на Душебаев во клубот ќе остане запаметен по бројни успеси, значајни победи и моменти кои оставија силен печат во историјата на Киелце и европскиот ракомет. Неговиот придонес во издигнувањето на клубот на врвно ниво е оценет како исклучително значаен.
До крајот на тековната сезона, функцијата главен тренер ќе ја преземе Кжиштоф Лијевски, кој ќе го води тимот во претстојните натпревари. Од клубот упатија благодарност до Душебаев за неговата посветеност и професионализам, посакувајќи му успех во понатамошната кариера, а најавија дека во соодветен момент ќе следува и официјално одбележување и признание за неговиот придонес.
Душебаев беше тренер на Киелце од 2014 година. Негов следен предизвик ќе биде селекторското место во Франција.






