Душебаев не сака да биде селектор на Словенија, но знае која е најдобрата опција

Ракометната репрезентација на Словенија во незгоден момент остана без селектор, откако на еден месец од почетокот на Европското првенство челните лица на федерацијата донесоа одлука да му врачат отказ на Веселин Вујовиќ. 

Од редовите на словенечката федерација најавија дека веќе се во потрага по предводник на селекцијата, а тамошните медиуми ги имаат и најсериозните кандидати. Се споменуваат имињата на Пастор, Зорман, Тамше, па дури и предводникот на Киелце, Талант Душебаев. Но, шпанскиот стратег веднаш ги демантираше овие шпекулации и истакна дека во овој момент не е во можност да води и клуб и репрезентација. 

„Да, слушав дека се споменува моето име за селектор на Словенија. Но, во овој момент тоа е невозможно. Ќе биде тешко да водам и клуб и селекцијата, па затоа не сакам да преземам таков чекор. Но, би сакал да ја советувам словенечката федерација. По мое мислење Урош Зорман би бил идеален нивни селектор. Тој е вистински Словенец, досега собра големо искуство за да може да биде селектор на една репрезентација“, рече Душебаев. 

Долгогодишниот капитен на словенечката репрезентација, во овој момент е помошник на Талант Душебаев во Киелце, а беше и асистент на Веселин Вујовиќ на клупата на Словенија.

На претстојното ЕП кое на програмата е во јануари следната година, Словенија ќе се натпреварува во групата Ф заедно со Полска, Швајцарија и Шведска