Душебаев: Киелце е „ракометниот Ајакс“, сѐ уште не е меѓу богаташите на Европа...

Полскиот гигант Киелце често е дел од завршницата во Лигата на шампионите во изминатите пет сезони. Дури три пати ракометарите на Талант Душебаев се надигруваа со најдобрите на завршниот турнир во Келн, а пред четири години направија епски пресврт и преку Веспрем стигнаа до европската титула.

Меѓутоа, квалитетот на ростерот носи големи финансиски проблеми. Резултатите се постигнуваат, но моќта на сопственикот не е на исто рамниште со големи екипи како ПСЖ или Барселона. Поради тоа клубот мора внимателно да ја гради својата политика, да ангажира многу млади таленти и да се надева на нивниот развој во иднина.

Првиот тренер на тимот неодамна направи интервју со полските медиуми во кое зборуваше токму за разликата меѓу Киелце и богаташите на европскиот ракомет.

„Финансиските разлики меѓу нас и ракометните богаташи во Европа се очигледни. Киелце е „ракометниот Ајакс“. Постојано се обидува со претпазливо изградена политика да приреди изненадување и да се пробие кон самиот врв. Финансиските проблеми постојат и се честа појава секоја сезона. Во претходните години разликата беше поголема, но мислам дека се доближуваме. Од наредната сезона очекувам да сме рамо до рамо со најбогатите“, смета Шпанецот.

Оваа година, како и Вардар, полскиот првак нема да добие шанса да се бори за Ф4 турнирот во „Ланксес Арена“. Пандемијата ги натера првите луѓе на Европската ракометна федерација (ЕХФ) да донесат тешка одлука и да скратат поголем дел од тековната сезона.

Полското првенство беше поништено, а Киелце беше крунисан за нов шампион, по одлука на ракометната федерација.