Душебаев: Карачиќ немаше плата 18 месеци во Скопје, ако тука има кратење или слично...

Талант Душебаев, актуелниот стратег на полски Киелце, говореше за актуелната ситуација на полскиот првак и соопштението на претседателот Сервас во кое се побара трпение од играчите за да се види каква ќе е понатамошната ситуација.

Долго време Киелце се поврзува со финансиски проблеми, а Душебаев е свесен за тоа. Како пример во ситуацијата тој го даде Игор Карачиќ за кого даде пример дека имал потешкотии во Скопје поради беспарицата во Вардар, па затоа и си заминал.

„Секогаш сакам да помогнам и секогаш го правам најдоброто, но некогаш доаѓа момент кога не можете да направите повеќе дури и да сакате. Луѓето мора да говорат на темата за финансии со големо разбирање. На пример, ако Игор Карачиќ се соочи со ситуација како во Скопје и 18 месеци да нема земено плата, а потоа да треба и да намалува, не може да се обвини некој ако му се понудат подобри услови од друг клуб. Ова го кажувам како пример, не сакам да се интерпретира како сензација, дека Игор си заминува, затоа што засега нема такво нешто“, изјави Душебаев.

Претседателот на Киелце претходно ги замоли сите играчи за трпение и да почекаат за да се види каква ќе биде финансиската конструкција на клубот поради пандемијата со коронавирусот. Киелце нема да игра на Ф4-турнирот во Лигата на шампионите затоа што слично како и Вардар, мораше да го положи оружјето без борба.