Душебаев: ЕХФ треба да направи завршен турнир на ЛШ со осум екипи

Пандемијата предизвикана од вирусот ковид-19 ги натера челните луѓе на многу спортски организации да одложуваат или откажуваат натпреварувања. Европската ракометна федерација (ЕХФ) одлучи нокаут рундите од Лигата на шампионите да ги закаже за јуни, а одлуката треба да се потврди на 15 мај. Скопски Вардар требаше на крајот од март да одигра двомеч со ПИК Сегед, но дуелите беа откажани. 

Сепак, тоа ќе ги натера екипите да играат во дополнително згуснат распоред што би можело лошо да се одрази врз играчите. Тренерот на Киелце, Талант Душебаев смета дека тоа не е коректно и понуди алтернатива. 

„Осминафинале и четвртфинале во јуни ќе биде многу тешко. Не е реално и мислам дека е многу подобро да се одигра само осминафинале, а потоа во Келн да се организира завршен турнир со осум екипи. Тоа би било најдобро и фер решение“, истакна Шпанецот.

Тешко е да се верува дека Европската ракометна федерација би прифатила ваков расплет на сезоната. Тоа би бил голем финансиски удар за ЕХФ, бидејќи со повеќе денови во Келн расте наемот на „Лансксес Арената“. 

Инаку, екипата на Киелце во осминафиналето од Лигата на шампионите треба да одигра двомеч со Целје Пивоварна Лашко, а подобриот ќе излезе на мегдан со поуспешниот од дуелите на Динамо Букурешт и ПСЖ.