Душебаев: Циндриќ беше клучот за Вардар да стане европски првак во 2017

Шпанскиот ракометар Алекс Душебаев во интервју за „Мундо Депортиво“ зборуваше за Лука Циндриќ.

Хрватот е негов поранешен соиграч од Вардар и Киелце кој од наредната сезона ќе ги брани боите на Барселона. Според него, средниот бек беше клучот за успехот на вардарци во 2017 година, кога беше освоена првата европска титула.

„Лука е одличен играч, можеби срамежлив на прв поглед, но секогаш игра за тимот. Самиот секогаш се става во втор план. Барса доби едно големо засилување и еден од најдобрите организатори на играта во светот.

Токму тој беше клучот што Вардар ја освои титулата во ЛШ во 2017 година. Заедно со тренерот Раул Гонзалез го искористија моментот и донесоа голем успех за екипата“, рече шпанскиот репрезентативец.

Душебаев заврши како најдобар стрелец во изминатата сезона во Лигата на шампионите со 99 погодоци. Неговиот Киелце се избори за Ф4 турнирот во Келн, но беше елиминиран во полуфиналето од унгарски Веспрем.