Дупјачанец: Мечевите во ЕЛ се големо искуство за младите во Металург

Даниел Дупјачанец е најискусното име во составот на Металург. Голманот и капитен на тимот, по натпреварот против Фајверс и новиот европски пораз (45-30) истакна дека тимот потфрлил со играта во одбрана, а за мечевите потенцира дека се големо искуство за младите ракометари во ростерот.

„Честитки за Фајверс за победата. Знаевме дека ќе имаме потешкотии на овој натпревар. Фајверс одигра доста добро, играа брз и модерен ракомет. Се подготвувавме за овој натпревар, но не одговоривме според договореното и примивме 45 гола. Не бевме агресивни во одбраната, не ја сопревме транзицијата на противникот. Така, конечниот резултат не е изненадување“, изјави Дупјачанец.

Металург промовира неколку млади ракометари оваа сезона во Европската лига.

„Секој меч во оваа Европска лига е ново искуство за нашите млади имиња. Но, мора да се игра максимално на секој меч. Без борба во напад, без агресивност во одбрана, ништо не сме постигнале. Пред нас претстои многу работа за да бидеме уште подобри“, смета чуварот на мрежата.

Металург останува со еден освоен бод во Европската лига оваа сезона, благодарение на ремито против Фајверс во Скопје (33-33). До крајот е предвидено да се игра еден меч со Адемар Леон во Скопје, но многу ќе зависи со ковид-мерките во Шпанија и дали на тимот ќе му се дозволи да допатува во Македонија.