• Иван Димовски
Ракометната репрезентација на Македонија има сè во свои раце во последното коло од Евроквалификациите против Литванија. Нашиот национален тим го загуби првиот меч во Вилнус, а сега е потребна победа од два гола разлика за заверка на второто место во групата.
Пред гостувањето во Скопје својот став го сподели Мундаугас Думчиус, кој за разлика од оптимистичната изјава на селекторот Савукинас беше попретпазлив и кажа:
„Шансите остануваат исти. Еднаш ја победивме Македонија. Секако, сега тие ќе играат пред своите навивачи и ќе биде многу тешко. Сепак, ништо не е загубено. Мора да бидеме сконцентрирани, да отвориме подобро отколку против Словенците, а ако е така - сè ќе биде во наши раце.
Доколку не успееме да се најдеме на ЕП ќе биде големо разочарување. Кога влеговме во овој циклус целта беше јасна, а и сега е истата. Ако не се квалификуваме, дефинитивно ќе бидеме разочарани“.
Македонија ќе биде домаќин на Литванците в недела во 18:00 часот во СЦ „Јане Сандански“.