Дуелот на „фармацевтите“ за Радовиќ, Црна Гора ја надигра Украина за ново ЕП! 

Ракометната селекција на Црна Гора со стил успеа да обезбеди учество на еден голем континентален собир, откако како второпласирана патува на Европското првенство, кое ќе се одржи следната година. 

Црногорците се надминаа себе си во клучниот меч од квалификациите и пред своите гледачи со убедливи 27-21 славеа во директниот дуел за пласман на ЕП со селекцијата на Украина. 

Уште од самиот почеток избраниците на Рогановиќ наметнаа силно темпо на игра, кое беше недостижно за Украинците. Црна Гора на пауза замина со позитива од осум гола (15-7), и одигра ритунски втори 30 минути за на крај да слави со сигурни 27-21. Овој дуел беше и борба меѓу двајцата ракометари на Еурофарм Работник, Мирко Радовиќ (Црна Гора) и Владислав Остроушко (Украина). 

Чавор со пет гола беше предводник на „лавовите“, додека по четири постигнаа Вујовиќ и Липовина. Сепак, и покрај поразот, Украинците патуваат на Европско првенство, затоа што се најдоа меѓу четирите најдобро третопласирани селекции во квалификациите.