Драматично реми на светскиот првак против одличната Шведска

Два прекрасни и драматични натпревари ја отворија неделната програма од главната групна фаза на Европското првенство за ракометарки во Франција. Домашната селекција, најнапред се спасуваше од пораз, па пропушти можност за победа против Шведска. Во меч со мал број на голови, на крајот дуелот заврши со реми со по 21 постигнат гол.  

Во тврд дуел Швеѓанките играа одлично во одбраната, примија мал број на голови и постојано водеа. На спротивната страна, светските првенки грешеа како никогаш и постојано го ловеа шведското водство. Дури во 53. минута со головите на Лакрабер и Заади, домашната селекција израмни на 19-19. Следеше игра гол за гол до самиот крај, а на една секунда до звукот на сирената, Сираба Дембеле-Павловиќ биеше од тешка крилна позиција, но шведската голманка одбрани и дуелот заврши мирољубиво (21-21).

Најефикасна во селекцијата на Шведска беше Изабел Гулден со шест гола, а кај Франција се истакнаа поранешната вардарка Лакабер со пет и Канор со четири гола.

Денес драматичен натпревар одиграа и Унгарија и Германија, коj заврши со унгарски триумф од 26-55. Во унгарскиот табор најефикасна беше Викторија Лукач со седум гола, а кај бундес-тимот се истакна Алисија Стол со девет погодоци.

Попладнево се играат натпреварите: Холандија - Романија и Србија - Русија.