Драмата во Богданци без победник, Гичев со звукот на сирената донесе бод за Јуниор 

По болниот пораз од Прилеп во претходното коло, ракометарите на Младост одново ги разочараа своите фанови, откако во рамки од седмото коло од плеј-аутот на Суперлигата прокоцкаа висока позитива и на крај одиграа само реми против Јуниор Кисела Вода (28-28).

  • Комплетниот натпревар меѓу Младост и Јуниор Кисела вода:

Тимот од Богданци беше на прагот на трета победа во разигрувањето за опстанок, но пред себе имаше разигран противник, кој, иако речиси цел натпревар бркаше негатива, во ниту еден момент не се предаде, а наградата за тоа стигна во самиот финиш кога Гичев реализира во последната секунда и не дозволи нов пораз на својот тим.

Димов, Роглев и Лашчакоу беа ракометарите кои ја водеа играта на богданчани, но и во редовите на Јуниор имаше расположени ракометари, односно Барјактаревиќ и Гичев ја чуваа неизвесноста на натпреварот. По сигурната предност на домаќините на полувреме (17-13), во самиот финиш од средбата Јуниор ги искористи сите грешки на противникот и во 58. минута го израмни резултатот на 26-26. Потоа со голот на Гичев со звукот на сирената успеа да освои голем бод од ова гостување (28-28).

Токму Гичев, со девет гола, беше прв стрелец на натпреварот, додека еден помалку имаше домашниот ракометар Димов.