Хрватска предводена од Червар и Јагањац освои злато на МИ

Машката репрезентација на Хрватска, предводена од поранешниот стратег на Металург, Лино Червар и Халил Јагањац стигна до златниот медал на Медитеранските игри во Тарагона, откако во драматичен меч во финалето, славеше над Тунис со 24-23.

Африканскиот противник беше подобар во првиот дел, успеа да направи солидна залиха на паузата, 12-9, но вториот дел им припадна на „коцкестите“, кои преку расположените Мандиќ и Јагањац ја топеа предноста.

Конечно дојде израмнување во 47. минута, 17-17, и тогаш почна драмата. Хрватска секогаш беше во гол предност, но Тунис секогаш израмнуваше. При 23-22, Хрватите имаа играч повеќе, но Санаи погоди за реми, па на тимот на Червар му останаа 16 секунди за погодок.

Погоди десното крило Божиќ Павлетиќ за голема победа на Хрватска со 24-23 и славјето можеше да почне. По 2001 година, ова е второ злато за ракометарите на Хрватска на Медитеранските игри по 17 години.

Најдобри стрелци во победничкиот состав беа Јагањац, Божиќ Павлетиќ и Мандиќ со по пет погодоци, а добра партија имаше и голманот Шуњиќ. Кај Тунис се истакнаа Санаи со пет и Чуриеф со четири голови.