Драма во Скопје: Вардар и Киелце си поделија по бод во дербито на ЛШ!

Европскиот и македонски ракометен првак Вардар и полскиот првак Киелце одиграа супер-возбудлив натпревар во Лигата на шампионите кој заврши без победник (28-28).

Натпреварот меѓу двата тима кој воедно беше и дерби на колото на Лигата на шампионите го оправда епитетот. Двата тима покажаа супер-борбеност, а прашањето околу победникот имаше шанса да се реши во последните секунди од средбата, но не дојде до такво нешто. Вардар водеше со пет гола во првиот дел, Киелце, пак, имаше три гола позитива во вториот дел, но ниеднаш Вардар не се предаде кога беше најтешко. Калифа Гедбан влезе во ритам во најпотребните минути и донесе неизвесен финиш во кој Вардар не реализира напад за триумф.

Дуелот почна во знакот на Вардар, иако домаќинот имаше доста проблеми во бековската линија поради отсуството на Дисингер и Кристопанс кои не беа во стартниот тим на „црвено-црните“. Чупиќ ја презеде улогата на бек, на спротивната страна покриваше Атман, па со Скубе како разигрувач тимот функционираше. 

Дибиров и Шишкарев беа главните кога првпат се „скрши“ резултатот и се поведе со 8-5 во 11. минута, а потоа Киелце влегуваше од грешка во грешка поради брзање, па се дојде и до предност од 10-5. Но, следеше брз пад на Вардар, пред се поради форсирање на играта „седум на шест“, Киелце погодуваше во празниот гол и се врати на 10-9, а потоа дојде и до прво изедначување (13-13).

Проблем кај Вардар беа и неефикасните голмани, со само една одбрана за 23 минути која ја изведе Кугис. Полскиот гостин преку Душебаев потоа поведе и со 14-15, за Калифа Гедбан конечно да врзе две одбрани во низа, а Дибиров и Стоилов да реализираат, за предност на Вардар на паузата (16-15).

На стартот на вториот дел Вардар беше за нијанса подобар ривал, а помогна и исклучувањето на Гиљо, поради удар во лицето на Атман. За неколку минути игра, европскиот првак се одлепи на 21-18, но играта „седум на шест“ во наредните напади пак беше прочитана од Киелце, па гостинот се врати на 22-22. Кога најмногу требаше, Калифа Гедбан ја забележа третата одбрана, но откако Вардар не реалзиира, Киелце тргна во контра и истата во гол ја претвори Јанц, а потоа стрелаше и Фернандез, за највисоки плус два на гостите (22-24).

На стартот на 45. минута, за Вардар не реализира и Скубе, Киелце преку Фернандез поведе со 22-25, но по два гола на Скубе и Чупиќ пак се врати неизвесноста, која дополнително ја вжешти одбрана на Калифа Гедбан. На четири минути пред крајот, Вардар ја проби агресивната 6-0 одбрана на гостинот и изедначи на 26-26, а потоа, откако Гедбан одбрани при 27-27, Вардар доби напад за предност по долго време, кој го реалзиира Скубе (28-27). Во последните 100 секунди, Вардар играше со ракометар помалку поради исклучување на Шишкарев, не се реализира напад за ново водство, но Гедбан пак одбрани, а Вардар имаше напад за победа кој не го реализира Скубе.

Најдобар стрелец кај Вардар беше Скубе со седум гола, а Чупиќ го следеше со шест, додека Стоилов заврши со четири гола. Кај Киелце, Јанц реализира седум пати, Фернандез беше одличен со 6/6, а Душебаев даде пет гола.

Во наредното коло на Лигата на шампионите, Вардар гостува кај Киелце во Полска (16 ноември).

Лига на шампиони (М), Група Б
ОН П Н И Гол. ГР Форма Бод.
1 КилКил 8 6 1 1 249:218 31 13
2 МонпелјеМонпелје 8 5 1 2 223:214 9 11
3 ВеспремВеспрем 1 8 5 0 3 267:235 32 10
4 КиелцеКиелце 1 8 4 2 2 248:231 17 10
5 ВардарВардар 2 8 4 1 3 235:252 -17 9
6 ПортоПорто 8 3 2 3 230:240 -10 8
7 Мешков БрестМешков Брест 8 1 0 7 219:251 -32 2
8 Мотор ЗапорожјеМотор Запорожје 8 0 1 7 232:262 -30 1