Драма во „езерското“ дерби: Охрид во финишот ја скрши Струга

Љубителите на ракометот имаа можност да проследат многу квалитетно и досега највозбудливо „езерско дерби“. Екипите на Струга и Охрид одиграа интересен и возбудлив натпревар во рамки на деветтото коло од плеј-офот во македонската Суперлига, а триумфот му припадна на гостинскиот тим, кој на крајот славеше со конечен резултат 21-24. 

  • Комплетниот натпревар помеѓу Струга и ГРК Охрид

Домашните ракометари за нијанса подобро го отворија мечот и имаа водство од 2-3 гола разлика во текот на целото прво полувреме, а на паузата заминаа со резултат 14-11. Уморниот Охрид, кој во четвртокот играше со Бутел, како да го потцени ривалот, а тоа можеше да им се „одбие од глава“.

Охриѓани решија да заиграат далеку подобро во вторите триесет минути и постепено ја „топеа“ предноста на Струга, а во периодот околу 54. минута стигнаа до егал (20-20). Во следниот напад момците на Алушевски поведоа со 20-21, а потоа и со 21-22. Наум Танески повика тајм-аут во пресрет на последните шеесетина секунди, но тоа не вроди со плод и охриѓани на крајот заслужено го затворија натпрварот во своја полза со конечни 21-24. 

Најефикасен во победничкиот тим беше Хрватот Никола Јукиќ со шест погодоци, додека кај Струга убедливо најдобар поединец беше Црногорецот Мерис Бошњак со девет постигнати голови. Со оваа победа Охрид остана третопласкиран со реални шанси за излез на меѓународна сцена.