Можна драконска казна за Вардар: Суспензија, „дебела“ парична казна и одземање на бодови?

Натпреварот од петтото коло на плеј-офот на Суперлигата меѓу Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер ќе има трето полувреме. Уште од синоќа беше евидентно дека организаторот на натпреварот ризикува драконска казна, но денес се шпекулира дека таа може да биде уште поголема од очекуваното.

Имено, Вардар 1961 се обвинува за многубројни пропусти во организацијата:

- присуство на неовластени лица на одредени места во гледалиштето
- недозволив арсенал на пиротехника и тврди предмети кои обезбедувањето не ги одзеде при влезот на навивачите, но и на луѓето од обичното гледалиште
- влез на навивачите на терен, со што е доведена во прашање безбедноста на ракометарите и официјалните лица
- фрлање на тврди предмети на теренот и плукање на официјалните лица и ракометарите

Организаторот треба да им се заблагодари на двете екипи, официјалните лица (судиите и делегатите), кои се согласија натпреварот да продолжи и да се одигра како ништо да не се случило. Во спротивно Вардар 1961 ризикуваше службен пораз, празнење на салата и скоро сигурна суспензија на салата. 

Со оглед на тоа што ова е трет инцидент во кој е инволвиран Вардар 1961, во натпреварите кои се под закрилата на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), казната ќе биде драконска. Минатата сезона натпреварот во „Јане Сандански“ беше прекинат заради директен контакт меѓу навивачите, откако затаи организацијата и дозволи „Комитите“ да дојдат дури до секторот на „Чкембарите“ и тоа преку нормалното гледалиште. Претходно битолските фанови влегоа во конфликт со редарската служба и полицијата. Вардар 1961 беше парично казнет по тој инцидент. 

Неколку месеци подоцна Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер беа казнети заради нередите на трибините во спортската сала „Јасмин“ во Кавадарци. На тој дуел не дојде до директен конфликт, но имаше инциденти со полицијата, пиротехника во салата и пак беше доводена во прашање безбедноста на гледачите.Иако не беа организатори на натпреварот, двата клуба платија дебела парична казна за испадите на навивачите.

Третиот натпревар во серија во кој на тапет е Вардар 1961 сигурно ќе донесе поригорозна казна. Во опција се парична казна, долга суспензија на салата „Јане Сандански“ за натпреварите од Суперлигата и одземање на бодови од плеј-оф табелата. Федерација е решена да стави крај на нередите и да испрати порака до вандалите во мак-ракометот со драконска казна.

Со оглед на тоа што Вардар 1961 и Пелистер уште еднаш или двапати ќе се сретнат до средината на мај, мора да се обезбедат максимални услови за спортска борба и без инциденти на трибините.