• Горан Упале
Ракометарите на Еурофарм Пелистер ги очекува последниот домашен предизвик оваа сезона во елитното европско натпреварување – Лигата на шампиони. Во „Боро Чурлевски“ во Битола гостува францускиот гигант ПСЖ.
Битолскиот тим ќе се обиде со достоинствен настап да се прости од домашната публика во елитата. Иако против себе ќе има исклучително квалитетен противник полн со ракометни ѕвезди, пелистерци ќе се обидат да одиграат храбро и да остават позитивен впечаток пред своите навивачи.
Натпреварот има посебна тежина и поради фактот што ова е последен меч од групната фаза пред битолската публика сезонава, па се очекува салата „Боро Чурлевски“ повторно да биде исполнета до последно место. Навивачите на Еурофарм Пелистер и овојпат ќе бидат силен ветер во грб за своите миленици, кои ќе се обидат да парираат на еден од најсилните европски тимови.
Без оглед на резултатот, овој натпревар претставува уште една голема европска вечер за Битола и можност ракометарите на Еурофарм Пелистер со добра игра да се оддолжат за поддршката која ја имаа во текот на целата сезона.
Математички битолчани се без шанси за пласман во осминафиналето, додека ПСЖ веќе размислува за елиминационата фаза, па „зелено-белите“ и тука може да ја бараат својата шанса за позитивен резултат. Натпреварот започнува од 20:45 часот.








