Допинг-сагата заврши: Никола Портнер е невин!

Конечно заврши допинг-сагата на Никола Портнер, и тоа со одлука која што сите ја очекуваа и посакуваа. Голманот на Магдебург и на швајцарската репрезентација е невин, а кариерата може да ја продолжи и во Бундеслигата и во европските натпреварувања.

Истрагата утврдила дека позитивниот резултат за метамфетамин е резултат на контаминација, за која тој не е виновен. Поради тоа, суспензијата на Портнер е укината. Извршниот комитет на Бундеслигата утврди дека Портнер ниту намерно, ниту по своја вина, не внесол недозволена супстанција во своето тело.

Во официјалното соопштение на Бундеслигата се наведува и дека количината на недозволени супстанци во телото на голманот била толку мала што може да се заклучи дека тој не ја земал намерно, или со намера да ги подобри перформансите на теренот. Заклучокот е дека контаминацијата на недозволената супстанца во неговото тело настанала по ненамерен, алтернативен пат, што се подразбира и од примерокот земен од косата и урината.

Во предвид беа земени и сведоштвата на познаниците на Никола за неговиот професионален и спортски начин на живот.