Доминација на Вардар во Суперкупот, Еурофарм Пелистер нов предизвикувач

Со натпреварот од Суперкупот и официјално ќе започне новата ракометна сезона во Македонија, која што се очекува да биде многу поразлична и повозбудлива од претходните. 

Нашите најдобри екипи, Вардар и Еурофарм Пелистер, новиот шампионат ќе го стартуваат уште од првото коло од регуларниот дел, а токму големите ривали ќе ја сочинуваат вечерашната битка за првиот овосезонски трофеј.

Шампионот и вицешампион во текот на минатата сезона имаа неколку возбудливи дуели, во кои победите завршуваа во двата табора, па затоа во „Борис Трајковски“ (19:00 часот) нè очекува нов ракометен спектакл во режија на најтрофејните мак-клубови.

Кога во прашање е ракометниот Суперкуп, Вардар е доминантен, односно тој е единствениот освојувач на овој трофеј. Денес се одигра четвртото финале, откако на претходните три, Вардар славеше двапати над Металург, а еднаш над Еурофарм Работник.