• Саше Љолес
Екипата на Вардар 1961 без поголеми проблеми го совлада ГРК Охрид во првиот натпревар од својата група на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ и извојува триумф со конечни 34-21.
Вардарци фуриозно го започнаа мечот и уште на стартот покажаа зошто се фаворити во овој меч. Скопскиот состав постепено ја наметнуваше својата игра, беше многу посилен во дефанзива, а ги користеше и скоро сите можности во нападот.
Охрид се обиде да возврати и во два наврата се врати на четири гола негатива, но Вардар најпрво имаше „плус шест“ во 21. минута (12-6), а на паузата замина со седум голови предност, 16-9. Голманот Еспиња имаше солиден настап во првиот дел и запиша шест интервенции зад своето име.
Второто полувреме донесе уште посилно темпо на „црвено-црните“, Вардар бргу поведе и со двоцифрена разлика (25-14), па стануваше јасно дека само рутински ќе ја одработи задачата до крајот на мечот. Охрид никако не можеше да стори нешто повеќе и да ја намали малку големата негатива, а на крајот победата на вардарци беше изразена со конечни и огромни 34-21.
Најефикасен во победничкиот состав беше Матија Николиќ со четири гола, додека кај Охрид пет гола постигна Јукиќ, а четири додаде Кукуловски.