Должникот ПИК Сегед гостува во Скопје, Вардар посакува прекин на кризата

Ракометарите на Вардар 1961 се наоѓаат во негативна серија која гласи четири порази во низа во Лигата на шампионите. Нова можност за ставање крај на кризата, избраниците на Веселин Вујовиќ имаат денес, кога ќе го пречекаат ПИК Сегед.

Унгарскиот тим е должник на „црвено-црните“ од пред една недела. Македонскиот првак загуби на гостувањето во Сегедин со 34-31. Сега ќе има поправен пред домашната публика, која посакува нова радост во елитното клупско натпреварување.

Традицијата во изминатиот период е на страна на ПИК Сегед. Тимот на Хуан Карлос Пастор победи на последните четири соочувања со вардарци. Тоа им носи блага фаворитска улога и на денешната средба, иако се игра во СЦ „Јане Сандански“, кој знаеме колку може да биде незгоден за сите противници.

Вардар не смее да си дозволи нов кикс, бидејќи ППД Загреб вчера го надигра Мешков Брест и се доближи до шестата позиција, која моментално е во сопственост на македонскиот тим. 

Унгарскиот претставник е без пораз на гостувањата во тековната сезона. Тоа дополнително го зголемува притисокот врз вардаровите ракометари, кои беа поразени на последните два домашни дуели во европските настапи.

Натпреварот од осмото коло се игра во терминот од 20:45 часот.