Дојде време за ново „вечно дерби“: Се очекува спектакл пред полни трибини во Битола

Дојде време за уште едно „вечно дерби“, овојпат со огромен влог. Еурофарм Пелистер во рамкитена петтото коло на плеј-офот од Суперлигата го дочекува Вардар 1961 во натпревар кој може да биде клучен за понатамошниот тек на сезоната. 

Со евентуална победа шампионот ќе си направи доволна разлика на врвот да не му е важен исходот од реванш дуелот со вардарци во Скопје, секако доколку не киксне на другите натпревари. Поради фактот дека пелистерци пренесоа три бода во плеј-офот имаат предност и право на грешка, ама исто така и шанса веќе попладнево да стават рака на трофејот. Досега двата ривали во плеј-офот беа сигурни, забележаа по четири победи и го победија третиот претендент Алкалоид оставајќи го без реални шанси во борбата за титулата. Сега доаѓа за нив она најважното, а тоа е првиот од двата меѓусебни дуели кои се очекува да ја одлучат битката. 

Еурофарм Пелистер неодамна остана без Цветан Кузманоски, па има за нијанса повеќе проблеми од ривалот кој е целосно екипиран пред мечот. Во регуларната сезона пелистерци немаа подобар меѓусебен дуел против Вардар, загубија во Скопје со 27-24, а потоа дома славеа 35-33. Сепак, поради тоа што двата тима по еднаш паднаа во „Автокоманда“ против Алкалоид се направи круг во кој шампионот беше на крајот најдобар. Сега математиките се јасни, пелистерци со евентуална победа во новото дерби ќе се приближат до трета титула во низа. 

Се очекува огромна борба во салата „Боро Чурлевски“ која одново беше распродадена на брзина. Додадена вредност на дербито му дава присуството на двете навивачки групи домашните „Чкембари“ и гостинските „Комити“. Дуелот во Битола се игра во терминот од 18:30 часот.