• Иван Димовски

Ракометарите на Еурофарм Пелистер со убедлив триумф од 35-26 над Тиквеш го заокружија шампионскиот пат во Суперлигата за сезоната 2022/23. Пред полните трибини на салата „Боро Чурлевски“, избраниците на Александар Јовиќ и Звонко Шундовски рутински го средија ривалот од Кавадарци.
По долго чекање, поточно од 18 години, титулата од ракометна Македонија се врати во Битола. Така, по средбата со Тиквеш од страна на членот на Управниот одбор на РФМ, Александар Стефанов, официјално му беше врачен шампионскиот пехар на капитенот Мирко Радовиќ.
Славјето во градот на конзулите ќе продолжи во текот на ноќта. Организирана е официјална прослава на плоштадот Магнолија, на која ќе продефилираат и шампионите.


