• Редакција Gol.mk
Се уште се чека на одлуката на Европската ракометна федерација (ЕХФ) за епилогот од неодиграното финале на Алкалоид и АЕК Атина во рамки на Европскиот Куп на ЕХФ во Скопје откако гостите одбија да излезат на терен затоа што немаа навивачи во салата. Комисијата отвори правна постапка и побара докази од двата тима, од домаќинот се бара образложение зошто не дозволил 10 отсто навивачи на АЕК во салата, додека од гостинот - зошто играчите не излегле на теренот.
Алкалоид ги приложува своите факти и докази кон ЕХФ, а уште пред мечот беше јасно посочено и приложено на состанокот за безбедност пред мечот, дека одлуката АЕК да се ограничи на 200 гостински навивачи е донесена по препорака на државните власти. Имено, Министерството за внатрешни работи (МВР) на Република Македонија ја донесе одлуката за ограничување на бројот на навивачи на гостинскиот тим, одлука која предизвика реакција од дел од грчката јавност, но според правните и безбедносни стандарди, оваа мерка е сосема легитимна и оправдана.
Според законската и правната основа, мерката е заснована на неколку важни национални и меѓународни документи. Тоа се Законот за спречување на насилство и несоодветно однесување на спортски натпревари, потоа Европската конвенција за насилство и недолично однесување на спортски настани (Council of Europe – Convention No. 120), како и Препораките на Европската Унија за безбедност на спортските настани.
Во случајот за одредување на бројот на гостински навивачи, и покрај тврдењето на гостинот дека морало да добие 10 отсто од билетите, според националните документи, нашето МВР ја има целосната правна надлежност да дејствува во интерес на јавната безбедност во државни рамки. Одлуката е донесена по проценка на реален ризик, согласно националните закони и европските стандарди. Мерката според законите не е некакво ограничување кон АЕК – туку е донесена заради заштита кон сите актери на мечот, како и на спортот, на фер-плејот и на репутацијата на земјата како домаќин на европско финале.
Алкалоид како домаќин го организира финалето по европски терк, немаше ниту еден инцидент пред и за време на најаваата на натпреварот кој не се одигра, а во ниту еден наврат немаше и агресивен револт кон гостинските ракометари и членови на стручниот штаб од кои дел од нив чекааа на теренот, а дел во подтрибинсиот простор од салата, на исходот во Скопје, пред целосно да се повлечат во соблекувалната. Исто така евидентна беше и пријателската атмосфера и гостопримливиот пристап меѓу играчите и публиката на трибините, затоа што дел од присутните во салата направија фотографии со играчите на АЕК и разговараа со актерите на теренот за време на прекинот. Идентично беше и со медиумите, кои имаа професионален пристап кон гостинот и во ниту еден наврат не го нападнаа на недоличен или провокативен начин.