Дисингер дојде во Скопје и седна на маса со Самсоненко!

Македонскиот ракометен првак Вардар е на прагот да донесе големо засилување од Бундеслигата, во германскиот репрезентативец Кристијан Дисингер, кој бил забележан во Скопје, во друштво на првиот човек на „црвено-црните“.

Според информациите до кои дојде Gol.mk, ракометарот и газдата на клубот Сергеј Самсоненко имале состанок во Хотел „Русија“, на кој се воделе преговори за трансфер на Дисингер во македонскиот ракометен гигант кој пред две години ја освои Лигата на шампионите.

Наводно, постои интерес и од двете страни за соработка, па останува да се договорат уште личните услови на Германецот кој пред неколку години се поврзуваше со трансфер во Вардар.

Дисингер, кој има 26 години и е висок 202 сантиметри, настапува на левата бековска позиција. Доколку дојде до реализација на најавениот трансфер, тој ќе дели минутажа со Вуко Борозан и ќе ја пополни дупката која во тимот дојде по неочекуваната повреда на Сергеј Горбок. 

Германскиот репрезентативец во својата кариера покрај за Кил, со кого „раскина“ пред извесен период, настапуваше и за Либек, Шафхаузен и Фризенхајм. Со „панцерите“ му се радуваше на бронзата на Олимписките игри 2016 година.