Динар: Имавме колективен распад, сè што пробавме беше безуспешно 

Светскиот шампион Франција, повторно остана без ново големо финале на еден ракометен собир, откако забележа тежок пораз од Данска во вчерашното полуфинале на Светското првенство. 

Селекторот Дидие Динар спортски го призна поразот и откри дека селекцијата имаше колективен распад и никој особено не е виновен за овој неуспех. 

„Имавме колективен распад, не сакам, а и не можам да извојам поединци. Направивме многу тактични промени, особено во одбраната, но вечерва изгледаше дека ништо не ни одеше од рака, без разлика што ќе направиме. Ова беше тешка вечер за секој Французин, бидејќи навикнавме луѓето да нè гледаат на врвот. Сепак, верувам во овие момци и сигурен сум дека брзо ќе „оживееме“, рече францускиот селектор. 

Во големото финале, Данска ќе се сретне со скандинавскиот ривал Норвешка, кој вчера славеше над домаќинот Германија.