• Саше Љолес
Екипата на Динамо Букурешт успеа да го надигра Фуксе Берлин и славеше со високи 38-31 во натпреварот од седмото коло во Лигата на шампионите.
Првото полувреме понуди тврда и неизвесна игра на двете страни, клубовите се менуваа во водството, но ниту еден од ривалите немаше повисока предност од само еден гол. Германскиот состав водеше со 18-19 на паузата, а слична слика видовме и на стартот од вториот дел.
Романците тргнаа малку посилно во периодот околу 40. минута и првпат стигнаа до предност од четири гола, но Фуксе повторно се врати во игра и намали на 32-30 на пет минути до крајот на мечот. Домаќините беа мотивирани, сакаа по секоја цена да извојуваат триумф пред своите гледачи и не дозволија целосен „кам-бек“ на противникот.
Динамо „експлодораше“ во финишот направи уште една серија од пет гола во низа, па на крајот сосема заслужено се радуваше на победа со конечни 38-31. Најефикасни во победничкиот тим беа Лангаро и Ламбросо со по пет голови, додека кај гостите од Берлин најмногу се истакна Матијас Гидсел, кој запиша седум погодоци зад своето име.
За романскиот состав ова е петти триумф во групата А, додека Фуксе останува на само три победи и има шест бодови на своето салдо.