• Мартин Танасковски
Екипите на Динамо Букурешт и ПИК Сегед со победа ја отворија новата сезона во Лигата на шампионите и денешната ракометна програма.
Динамо Букурешт демонстрира моќ и славеше убедливо над данска Фредериција (37-28). Двата тима се во групата на Еурофарм Пелистер, а романскиот првак иако тргна лошо и имаше негатива, фати серија пред финишот на првиот дел и така се вивна кон победата. Најдобар стрелец кај победникот беше Трастарсон со шест, пред Кашпарек, Кудуз, Рошта и Лангаро кои дадоа по пет гола за Динамо, додека кај Фредериција, Хенеберг имаше девет гола.
ПИК Сегед на домашен терен го изненади бундеслигашот Магдебург кого го совлада со 31-28. Германците важеа за фаворити на ова гостување, но минаа непријатно во Унгарија. Разликата се направи во вториот дел, кога од 20-20, домашните заминаа на 26-20. Шоштариќ имаше шест гола кај Сегед, пред Фримел со пет, а Магнусон со пет гола беше најдобар кај Магдебург.
Во следната рунда на ЛШ, Динамо Букурешт гостува кај Висла Плок, додека Фредериција е домаќин на Спортинг, а ПИК Сегед оди кај европскиот првак Барселона, со тоа што Магдебург е домаќин на Колштад.