Динамо Букурешт го остави Еурофарм Пелистер на „нула“ во ЛШ

Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер остана на „нула“ во Лигата на шампионите. Во рамки на третото коло, пресилен за пелистерци беше романски Динамо Букурешт кој славеше со 34-25 (19-13) и остана максимален со три победи на три меча.

Избраниците на Дејвис беа надмоќни во однос на игррачите на Ангеловски, па така Еурофарм Пелистер останува без победа во елитното друштво. Ако се сумираат и ланските настапи во Лигата на шампионите, Еурофарм Пелистер има 17 средби по ред без победа во најдобрата лига на ЕХФ, или ниту еден освоен бод по враќањето на местото кое во минатото му припаѓаше на Вардар или Металург.

Дуелот на двата прваци беше во егал во воведните десет минути, кога резултатот гласеше 5-5. Потоа преку Лангаро и Ѓукиќ, Динамо влезе во ритам и со три гола во низа замина на 8-5, предност која ја имаше до 11-8, а на пет минути пред финишот на првиот дел, избраниците на Дејвис ги забележаа и највисоките плус пет (15-10). Не успеа Еурофарм Пелистер да ги искористи одбраните на Никола Митревски кој фати шест топки, наспроти двајцата голмани на Динамо кои имаа само по една одбрана. Пред паузата, Али Зеин даде убав гол, за 19-13 на полувремето.

Проблем за пелистерци беше што имаа само четворица стрелци во првиот дел - бековите Кузмановски, Борзаш и Хосни, како и пивотот Пешевски. На стартот на вториот дел македонскиот тим имаше проблеми со исклучувања. црвен картон доби и главниот дефанзивец Илија Абутовиќ. Сето тоа Динамо Букурешт знаеше да го казни, па со нова серија од голови замина на двоцифрени 25-15. Расположен за голови беше само Филип Кузмановски кој даваше убави погодоци, но еден играч беше премалку за да се совлада фаворизираниот протвиник во елитното друштво.

Најсветла точка кај Еурофарм Пелистер беше Филип Кузмановски кој имаше девет гола, додека голманот Никола Митревски собра 13 одбрани. Кај Динамо Букурешт, Миклош Роста погоди седум пати, пред Али Зеин со пет гола. Во следната рунда од елитното друштво, пелистерци дома играат со максималниот Спортинг Лисабон.