• Горан Упале

Кумановската спортска јавност со нетрпение го очекува првиот меч на домашен терен во вториот дел од Суперлигата, каде МРК Куманово го пречекува скопски Пролет.
Натпреварот ќе се одигра во спортската сала на Средното економско училиште „Перо Наков" во Куманово.
Тренерот Димковски фаворитската улога му ја препушти на противникот од Скопје, но верува дека неговите избраници ќе го дадат максимумот и ќе стигнат до посакуваната победа.
„Оваа екипа на МРК Куманово дефинитивно поседува квалитет и сум сигурен во тоа. Иако во Битола минатиот викенд бевме поразени, морам да кажам дека одигравме добар меч и сигурен сум во иднина ќе го покажеме тоа и на теренот.
Пролет е квалитетна екипа со која ќе се сретнеме на домашен терен и покрај тоа што ја оставаме фаворитската улога на нивна страна , ние како тим ќе направиме се да дојдеме до триумф и да ја израдуваме домашната публика и кумановската спортска јавност.
Уште еднаш ги повикувам сите љубители на ракометот да дојдат во недела најпрво да го поздрават нашиот тим и новите играчи кои пристигнаа во зимскиот преоден рок, а потоа како и што досега навивале и не бодреле повторно да покажат дека се нашиот плус играч на мечот" изјави шефот на стручниот штаб на МРК Куманово, Љубиша Димковски.
Натпреварот меѓу Куманово и Пролет започнува од 17:00 часот, а денес ќе се одигра и дербито на колото меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер.