Димитров: Голден Арт е спремен за Аеродром, верувам во нова победа

Екипата на Голден Арт има перфектен старт на сезоната во Првата ракометна лига на Македонија и уште од самиот почеток ги потврдува амбициите за експресно враќање во елитата.

Следен ривал на младите момци на Никола Матлиевски е тимот на Аеродром, а во пресрет на овој дуел Никола Димитров вели дека тимот е подготвен да ја продолжи победничката серија.

„Работевме напорно изминатиот период, во висок ритам и резултатите го покажуваат тоа. Имавме и сè уште имаме неколку важни играчи во тимот кои се здобија со повреди, дел од нив сè уште не се комплетно заздравени, но очекувам периодот кој е пред нас да се комплетираме. 

Лично сум презадоволен од условите во кои функционираме и од комплетната атмосфера помеѓу играчите во тимот, а самите резултати покажуваат како сме работеле периодов. Очекувам во иднина во комплетен состав да бидеме уште подобри. Во сабота очекувам да продолжиме со добрите игри и да ги освоиме бодовите против тимот на Аеродром“, изјави Димитров за официјални социјални медиуми на Голден Арт.

Димитров во редовите на Голден Арт се пресели ова лето, откако минатата сезона ја мина во Младост Богданци.