Димитриоски: Воопшто не игравме одбрана, мора да го поправиме тоа

Металург одигра нов европски натпревар и доживеа пораз на гостувањето кај Фајверс (45-30). По натпреварот, тренерот Оливер Димитриоски истакна дека проблемите со повреди и со ковид-19 си го направиле своеот, па Металург не бил во можност да се бори рамноправно. 

„Имавме многу проблеми пред овој меч, со повредени и позитивни играчи на ковид-19. Не можевме да работиме заедно. Што се однесува до натпреварот, без одбрана не можеш да очекуваш резултат. Ние воопшто не игравме одбрана. Се надевам дека ќе го смениме тоа за следните натпревари кои не очекуваат во домашното првенство и ќе направиме прогрес.

Во последните мечеви во оваа Европска лига во составот имавме неколку 16-годишни ракометари, гледаме да создаваме ракометари за во иднина и собираме искуство за понатаму“, изјави Димитриоски.

Фајверс беше единствениот тим против кој Металург освои бод оваа сезона во Европската лига, со реми во Скопје (33-33). Следен дуел ќе биде против шпански Адемар Леон, кој е предвиден да се игра следниот вторник во Скопје.