• Горан Упале
Екипата на Барселона за само дванаесет дена забележа два порази во домашниот шампионат. Откако пред две кола каталонскиот гигант беше изненаден од Гранолерс, вечерва историска победа над шампионот запиша тимот на Ваљадолид.
Натпреварот во спортски центар „Хуерта дел Реј“ заврши со победа на домашниот тим од 26-24 (15-10). Ракометарите на Ваљадолид уште од самиот старт тргнаа многу мотивирано и Барселона неочекувано се најде во позиција да брка негатива. На полувреме беше плус пет за домашниот тим, а ништо не се промени ниту во вторите триесет минути и Ваљадолид го запиша можеби најголемиот триумф во поновата историја.
Оваа вест е посебна и во Македонија, поради фактот што во тимот на Ваљадолид настапуваат двајца наши ракометари. Средниот бек Мартин Карапалевски имаше три гола од четири обиди, додека крилото Димитар Димитриоски реализира само еднаш.