Димитриевски пак блескаше, но неговиот Синфин пак загуби во АСОБАЛ

Македонскиот репрезентативен бек Дарко Димитриевски продолжува со блескавите настапи во шпанскиот ракометен шампионат. Поранешниот организатор на играта на Металург повторно беше најдобриот поединец во редовите на Синфин од Сантандер, но пак тоа беше недоволно за победа  на својот тим.

Во рамките од осмото коло од АСОБАЛ лигата, Синфин го играше дербито со Ваљадолид и по многу борба во текот на сите 60 минути запиша тесен пораз од 39-36.

Нашиот репрезентативец дуелот против тимот предводен од поранешниот стратег на Вардар, Писонеро, го заврши со шест постигнати гола и заедно со Родригез Костас беа најпрецизни во редовите на Синфин. 

Со овој неуспех, тимот на Димитриевски останува на дното на табелата во шпанскиот шампионат со само една победа и седум порази.