• Иван Димовски

Ракометарките на ЖРК Куманово го освоија својот трет трофеј во Купот на Македонија, совладувајќи го Вардар (32-31) во салата „Билјанини извори“ во Охрид. По голема драма, релативно поквалитетната екипа дојде до победата.
Предводникот на кумановчанки Славиша Димитриески по финалето го изнесе своето задоволство за овој успех.
„Честитам на екипата на Вардар. Горд сум што сум во женскиот ракомет, благодарен на моите девојки за оваа партија. Искористивме шанса во измореноста на Вардар од вчерашниот натпревар. Се случи тоа што се случи пред финалето, па дојдовме малку поодморени во финалето. Вардарки вчера почувствуваа како е да се игра тежок меч и беа уморни, а нашите ракометарки како да беа во грч. Очекувавме да ја затворат Андреза, моравме нешто да промениме и таа дојде до признанијата. Сметам дека ако не бевме во таков грч, можевме да си обезбедиме полесна завршница“, изјави Димитриески.
Трите трофеи во ова натпреварување екипата од Куманово ги освои од 2019 година наваму, победувајќи тогаш, па во 2021 и сега во Охрид. Пред нив на „вечната листа“ најблизу е Металург со пет, Вардар има шест, додека ѓорчепетровки од својата златна генерација држат рекорд со дури 16.