Дибиров за втората титула во ЛШ: Вардар докажа дека ништо не е важно кога си на терен

Ракометарите на Вардар минатата сезона во Лигата на шампионите приредија еден од најголемите подвизи во натпреварувањето, кога и покрај сите проблеми, храбро се бореа на завршниот турнир во Келн и стигнаа до втората титула. 

Откако се вратија од седум голови негатива против Барселона, пред финалето со Веспрем играчите беа во психолошка предност. Еден од главните играчи на Вардар, Тимур Дибиров, во разговор за „Balkan-Handball“, со задоволство се присети на победата и нагласи дека тие моменти засекогаш ќе останат запаметени. 

„Мина една година, но овој ден никогаш нема да го заборавиме. Не само поради победата, туку бидејќи тоа беше победа на нашиот спорт. Докажавме дека ништо не е важно кога си на теренот. Во тие 60 минути не постојат проблеми во животот. Овој успех ме потсеќа кога како деца тргнавме да тренираме ракомет. Остана во нас да живее таа детска желба еден ден да дојдеш до врвот и да го кренеш трофејот“, емотивно прокоментира Тимур. 

Дибиров е член на Вардар од 2013 година, па беше во составот во двата наврати кога клубот се искачи на кровот од Европа. Иако првиот трофеј беше посебен како историска победа, минатогодишниот успех ќе остане со златни букви запишан во македонската спортска историја.